Еден од процесите кој им се препорачува на сите поранешни социјалистички земји, на патот кон Европа е процесот на лустрација. Лустрацијата-процес кој е спроведен во неколку источноевропски земји, најчесто е дефиниран како “отстранување на опонентите на демократијата и оние кои во поранешниот режим ги кршеле човековите слободи и права”. Поимот лустрација е изведен од латинскиот збор лустратио- “чистење од гревовите”, односно луструм, секои пет години се приредува “државна церемонија на жртвување за чистење од гревовите и покајание на целиот народ”. Римјаните поимот го наследиле од Грците, кај кои зборот катхарсас, помеѓу лекарите означувал “празнење на црева”, а помеѓу љубителите на мудроста, “морално чистење на душата и духот”. Методи слични на лустрацијата по Втората светска војна, по падот на фашизмот се применувале во некои европски земји- во Франција (епуратион или очистување), Италија (дефашизација) и Германија (денацификација).
Лустрацијата често е наречена и ов на вештерки”, бидејќи трага по грешките од минатото. Ваквиот назив доаѓа, пред сé, поради повеќе лошите, отколку добрите искуства што ги имале земјите од Источна Европа во текот на спроведувањето на лустрацијата. Европските аналитичари, кои го изучуваат процесот на лустрација во Источна Европа, пишуваат за опасностите кои ги носи лустрацијата: ,,…Поради тоа што лустрацијата ги крши човековите права и ги казнува луѓето, понекогаш и само затоа што нивните имиња се појавуваат во некои весници- кои можат но, и не мораат да бидат точни- верувам дека не е корисно низ лустрација да се гради демократијата. Лустрацијата го охрабрува настанокот на методи како што се политизација на самиот Закон, менталитет на правење на црни листи, етикетирање, чистки на политички противници, идеја дека оние кои мислат спротивно треба да се казнат,,. Сепак, Парламентарното собрание на Советот на Европа, на членовите на Резолуцијата 1096 од 1996 година им ја препорачува лустрацијата и предупредува дека, пропуштањето на овој процес може да доведе до повторно насилство.
Приврзаниците тврдат дека, лустрацијата не е нешто што се однесува на секојдневниот живот на граѓаните, туку е важна за целото општество. Според нив, таа е важна бидејќи ја спречува манипулацијата со минатото, а во случај со балканските земји, токму таквата манипулација е честа појава во сите политички режими.
Опонентите на лустрацијата, тврдат дека, луѓето мораат да имаат шанса да се сменат. Лустрацијата како етичка категорија која се однесува на утврдување на одговорност за поддршка на репресивната политика, според нив е легитимна само доколку одговорноста е потврдена во постапка пред суд.
Во Република Македонија, како увертира на законот за лустрација беше Законот за пристап до досиејата на тајната служба во јули 2000 година, а предложен од тогашниот министер за внатершни работи Доста Димовска.Законот се применуваше во период од јули 2000 година до јули 2001 година, односно во периодот кога Македонија се наоѓаше во најголемата безбедносна криза и беше очекуван малиот интерес за овој процес. Процесот, исто така беше исполитизиран со надеж дека, во предизборната кампања за локалните избори во 2000-тата година, одредени кандидати за политички позиции ќе се идентификуваат како соработници-информатори на тајната служба. По стапувањето вон сила на овој Закон, дискусијата се фокусираше на прашањето дали треба да се донесе закон со кои идните државни функционери ќе дадат изјава дека не биле соработници или информатори на Службата за државна безбедност. Овие бурни дискусии повторно добија доза на политизација пред локалните избори во 2000 година, со цел промоторите на идејата за лустрација да си го подобрат предизборниот рејтинг со тоа што ќе се насочи контра-социјалистичкиот режим.
Во декември 2006 година, по иницијатива на г-нот Стојан Андов во собраниска процедура во собраниска процедура влегоанителните услови за вршење на јавна функција. Законот предвидува дека, лицето кандидат за носител или носител на јавна функција… до денот на влегувањето во сила на овој закон, не е евидентирано во досиејата на Службата за државна безбедност како таен информатор при оперативно прибирање информации…, од органите за државна безбедност…., оформени и водени за одредени лица со кои се кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини, го исполнува дополнителниот услов за кандидирање или за вршење јавна функција. Понатаму се наведува дека фактите за соработката или несоработката на лицата со службата за државната безбедност ќеутврдува Комисија за утврдување на факти.
Неколку години по донесувањето на Законот за лустрација и неговата каква-таква ефикасност и функционалност уште поправдано ја наметнува потребата од дискусија по неколку прашања: Дали Законот за лустрација во Република Македонија ја постигна целта за која беше наменет, или пак остави простор за политички манипулации и калкулации; и, Дали произволното (партиско) толкување на лустрацијата ги разоткри, скриени цели на овој политички процес?
Дилемите ќе се продлабочат ако на овие прашања се додаде анализата на досегашната македоска пракса на спроведување на лустрацијата, која често се состоеше во јавно пласирање на претпоставки (шпекулации) за кодошкиот капацитет на политичките партии (опонентите најчесто), преку неаргументирана стигматизација на претпоставени кодоши (популарен назив на соработник); преку јавно посочување на лица (кодоши) кои се наоѓаат на некои приватни (партиски) списоци и час поскоро ќе биде обелоденет; преку нагаѓање на можни лица кои се кријат зад псевдоними, а за кои досиеата (наводно фалсификувани) на чуден начин паѓаа по дворовите на нивните политички опоненти, за потоа да биваат предавани на Комисијата која понатаму требаше да решава за валидноста на документацијата и сл. Ваквата пракса беше повод за именување на целиот процес на лустрација во Република Македонија како улична лустрација, која нема допирни точки со вистинската цел и суштината на лустрацијата како политички процес.
Од друга страна пак, оваа пракса се покажа како мошне ефикасна алатка за културно политичко заложништво на одредени поединци за кои стручната (безбедносната, политичката) јавност во отсуство на законска лустрација, претпоставува дека можеби кодошеле во некое време и на некое место. Случајно пронајдените досиеа кои го отворија прашањето за кодошлукот во албанските политички редови (набљудувано и анализирано од моментален аспект, кога се договара составот на новата Влада), уште еднаш на голема врата го отвара прашањето, дали македонскиот начин на лустрација не ја извитопери вистинската и праведна постапка за докажување на (не)соработката на лицата кои претендираат да бидат јавни личности и дали, зад превезот на калкулации и манипулации за наводни фалсификати, случајно пронајдени досиеја, за приватни колекции и списци на кодоши не се нанесе штета на смислата и целта на лустрацијата во Република Македонија која требаше (претпоставувам), да ја исчисти јавната политичка сцена од кодошите кои како по правило носат комунистички предзнак.
Од аспект на антикомунистичката идолошка поставеност на македонската власт, требаше да претпоставиме дека процесот на лустрација ќе биде можност за легална (законска) пресметка на национално освестените (да не кажам, Антички) Македонци со политичките опоненти кои имаат комунистичко минато. Меѓутоа, во многу нешто се потврди Хавеловата теза дека полоши од комунистите се само антикомунистите! Ќе се запрашате, зошто? Еден од одговорите на ова суптилно прашање е чесноста, праведноста и намената на сознанијата од одредени постапки во процесот на лустрирање. Фалсификувани досиеја и претпоставени кодоши за кои допрва ќе слушнеме се потврда дека со одредени постапки, лица и случаи, заради моментален политички бенефит, политички се тактизира. Политичкото тактизирање во овој период и во ваков политички амбиент, претпоставувам треба да биде разбрано како патриотски подвиг по кој Македонија ќе биде ослободена од сите што не заслужуваат да бидат јавни личности. Колкава и каква ќе биде колатералната штета и кој ќе ги санира последиците од вака разбраната лустрација останува да видиме.
Прашањето станува уште покомплицирано ако на актуелната пракса за лустрирање во Македонија се надоврзат дискусиите за целите на соработка на поединци со тогашните служби за државна безбедност, но и сегашните потреби за слична таква соработка со сегашниве служби за безбедност. Во поранешниот режим, службата за државна безбедност имала клучна улога во заштитата на државата и власта од секакви облици на загрозување, во буквална смисла на зборот. Обврска на сите граѓани била задолжителната соработка со милицијата, вклучително и службите за државна безбедност заради заштита на државата. Прибирањето на информации од витален интерес за државата и националната безбедност (на нелегален и легален начин), и тогаш и денес е основната цел и постулат во работата на службите за државна безбедност и полицијата, воопшто. Доброволноста на граѓаните за соработка со службата за безбедност и полицијата е релативна категорија. Таа денес добива на значење и важност, додека во поранешниот (но, и современи) систем се поистоветувала со обврска. Процесот на лустрација (доколку соодветно се спроведува), би требало да донесе двојно добро за државата, од една страна да ја исчисти јавната сцена од кодошите кои на нечија штета просперирале или се материјално се офајдиле, а со тоа да им остави простор на чесните граѓани да вршат работи за општо, јавно добро. Несоодветната постапка на лустрирање (по политичка нарачка, со дворски досиеја и со политичка уцена), ќе му нанесе неповторлива штета, како на политичкиот систем и човековите права и слободи, така и на безбедносниот систем, бидејќи без соработничка мрежа и информации тој е делумно функционален.
Она што ми предизвикува дилема е фактот што ние понекогаш немаме (или не сакаме да покажеме) доволно мудрост во барањето на вистински момент за спроведување на одредена работа. Ако лустрацијата е “читење на гревовите”, “отстранување на опонентите на демократијата”, тогаш која беше целта на амнестијата чии субјекти беа многу поопасни прекршители на човековите слободи и права од субјектите на лустрацијата. Дали ја занемаривме (-уваме) примарната цел на субјектите на постконфликтната амнестија? Законот за амнестија иако не се однесуваше на социјалистичкиот период на кој се однесува Законот за лустрација беше донесен во март 2002 година. Овој Закон донесе амнестија од натамошни истражни и законски постапки, и ги поништи затворските казни за сите лица за кои беше утврдено дека подготвувале или извршиле кривични дела сврзани со конфликтот во 2001 година, најдоцна до 26 септември 2001 година. Согласно овој закон беа ослободени вкупно 270 лица. Овој закон во јавноста беше претставен и доживеан како “оправдување на активностите на ОНА за време на конфликтот”.
Ако целта на субјектите на лустрацијата, т.е. соработниците на службите за државна безбедност “биле поврзани со стекнување определена имотна корист или погодности при вработувањето или напредувањето во кариерата”, тогаш се поставува прашањето: Дали целите на субјектите на амнестијата (дела против државата и уставниот поредок, акти на тероризам и употребата на оружје и насилство за остварување на цели), се помалку тешки?
Ако за лустрацијата се вели дека треба да претставува расчистување со минатото, заради градење на демократија, тогаш дали истата цел ја немаше и амнестијата, која прекина еден вооружен конфликт и кое минато во македонската државна историја е поблиско, а кое подалечно?
Тогаш во што е разликата? Разликата е очигледна. Од една страна, со лустрацијата јавно ќе се обелоденат имињата на соработници на службата за државна безбедност кои соработувале заради лични или државни цели и ќе им се ограничи/забрани правото на вршење јавна функција, а од друга страна, амнестираните за дела против државата се наградуваат со истите тие добра што лустрацијата им ги забранува на лустрираните (учество во власта, вршење на јавни-државни функции, вработувања, кариери итн.).
Кога вистински ќе се соочиме со сериозноста на оваа етичка и морална дилема, тогаш ќе бидеме во состојба објективно да одговориме дали ни е потребна лустрација, амнестија или амнестија, заради градење на демократија и спречување на манипулација со минатото!